Почнуваат Богородичните пости

Православните верници од денеска ги започнуваат Богородичните пости – период на молитва, духовно воздржување и подготовка за големиот празник Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица.

Според календарот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, постот започнува на 14 август и трае до 27 август, а празникот Успение на Пресвета Богородица се одбележува на 28 август.

Богородичниот пост е еден од четирите повеќедневни пости во православниот календар и е посветен на Пресвета Богородица и на нејзиното Успение.

Денешниот ден, 14 август, во православниот календар е посветен и на Светите седум маченици Макавејски, а е означен како строг пост.

Од Црквата нагласуваат дека постот не се сведува само на воздржување од одредена храна. Тој подразбира и духовен пост – воздржување од лоши мисли, зборови и постапки, како и повеќе молитва и духовна посветеност.

Правилата за телесниот пост, според МПЦ-ОА, не се исти за сите. На децата, старите, болните, бремените жени, доилките и лицата кои извршуваат тешка физичка работа може да им биде определен поблаг пост или да бидат ослободени од него, во согласност со советот на духовниот отец.

Богородичните пости завршуваат во пресрет на празникот Успение на Пресвета Богородица, кој во Северна Македонија е и неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани