Охрид синоќа живееше во знакот на културата, историјата и традицијата. Голем број посетители ја искористија „Ноќта на музеите“ за поинаква прошетка низ стариот дел на градот, со 12 локации и исто толку различни приказни.
Од Долна порта, посетителите во групи предводени од туристички водичи, тргнуваа по улицата „Цар Самоил“ – од музеите и старите куќи, до ателјеата и охридските занаети.
„Првпат вака нешто организираме во овој обем. Овој концепт се прави насекаде во Европа, а мислам дека е редно и Охрид, како град со целото културно и природно наследство, да биде вклучен во нешто вакво. Годинава е пилот-проект“, Јован Цветкоски, Културолошка иницијатива „5 до 12“.
Филигранот, охридскиот бисер, изложби, фотографии, стара хартија и резба, но и вино и староградска музика, беа дел од четиричасовната културна маршрута. Во куќата на Узунов перформанс со комитски носии, а во Лапидариумот претставени ракотворби и занаети.
„Значајни се ваквите настани, особено вон сезона. Еве, септември е, сè уште е полн градот и ние сме пресреќни ако Охрид живее и во овој период. Завод и музеј Охрид ги поддржува ваквите настани“, вели Горан Патчев, директор на Завод и музеј – Охрид.
„Во куќата на Христо Узунов ги пречекуваме и странските и домашните туристи, за да им ја презентираме историјата на Охрид, животот и делото на револуционерот Христо Узунов и традициите“, изтакна Михаил Патчев, професор по историја.
„Ноќта на музеи“ предизвика огромен интерес и кај домашните и кај странските гости.
Целта е настанот да прерасне во традиција, со уште поголема промоција на културното наследство на Охрид и понуда за посетителите надвор од главната туристичка сезона.
Настанот се реализира со поддршка на Општина Охрид и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
Новинар Соња Рилковска



















