Мечките ги пустошат пчеларниците

Мечките повторно ги пустошат пчеларниците, а пчеларите трпат сериозни штети. Проблемот, велат тие, не е нов, но годинава е особено тежок поради намалените приноси од мед и недостигот на храна во кошниците.

Во потрага по храна, мечките влегуваат во пчеларниците, ги оштетуваат и превртуваат кошниците и уништуваат цели пчелни семејства. Кога во сандаците има доволно мед, мечката може да се задржи на едно пчелно семејство. Но, кога храната е ограничена, продолжува понатаму и може да направи штета на повеќе кошници.

„Да, како и изминатите години, и оваа година неизбежни се штетите од дивечот, особено од мечките кои ги напаѓаат пчеларниците. А со оглед на тоа што сандаците се празни оваа година, нема мед, дури пчелите немаат ни зимни потреби. Дивечот прави огромни штети, бидејќи не може да се засити. Кога пчелните семејства се полни со мед, мечката си има едно семејство и ги задоволува нејзините потреби за храна. Меѓутоа, кога нема, продолжува понатаму, на пет-шест семејства, додека не се засити“, рече Наум Трпески, претседател на Здружението на пчелари Охрид.

За пчеларите, уништеното пчелно семејство значи загуба која не може лесно да се надомести. Покрај директната материјална штета, потребни се дополнителни вложувања за обновување на пчеларниците, во услови кога и приносите од мед годинава се намалени.

Како едно од најефикасните решенија ја посочуваат заштитата со електрични огради, но бараат и поголема институционална поддршка.

„Единствено решение е заштитата со електрични огради и тука би напоменале дека и државата треба малку посериозно да се позанимава со нашиот проблем, бидејќи индиректната корист која ја имаме од пчелите е многукратно поголема. Од нас, пчеларите и пчелите зависат и приходите од останатите земјоделски култури, со оглед на опрашувањето кај овошките, кај градинарските култури и, општо, за плодноста на природата. Пчелата е клучен фактор“, рече Трпески.

Но, покрај мечките, пчеларите предупредуваат и на друг проблем кој директно ја засега природата од која зависат – загадувањето и сè поголемиот број диви депонии.

Особено загрижувачка е состојбата во руралните средини. Со намалувањето на бројот на жители во селата, според пчеларите, проблемот со дивите депонии станува сè поизразен.

„Колку помалку луѓе остануваат во селата, толку селата се позагадени. Замислете, едно село има пет-шест, во просек, диви депонии. Како ние да произведуваме висококвалитетен мед кога околината ни е целосно загадена? Мене ми е жал што ние како популација, како возрасни особи, нашите деца не ги воспитуваме во дух кој треба да ја сакаат и да ја почитуваат животната средина“, вели Трпески.

Токму подигнувањето на свеста кај најмладите е еден од начините преку кои пчеларите сакаат да придонесат кон долгорочна заштита на природата и пчеларството.

Во соработка со Националниот парк „Галичица“, подготвен е проект за формирање пчеларник кој ќе служи како едукативно катче. Во него учениците од основните училишта и децата од градинките ќе можат директно во природа да се запознаат со животот на пчелите, нивното значење за екосистемот и процесот на производство на мед.

Планирана е и едукација на нови пчелари, а проектот има и дополнителна општествена вредност – медот произведен од пчелните семејства ќе биде дониран на училиштата и градинките во Охрид.

Целта е преку практична едукација уште од најмала возраст да се создава свест за значењето на пчелите и потребата од зачувување на чиста и здрава животна средина.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани