Вештачката интелигенција и паметните технологии забрзано го менуваат секојдневието, но истовремено отвораат и нови безбедносни ризици. Сајбер-нападите, злоупотребата на чувствителни податоци, дезинформациите и загрозувањето на критичната инфраструктура се дел од предизвиците со кои се соочуваат институциите.
Професорот Никола Дујовски вели дека вештачката интелигенција сè уште претставува непознато поле, и како можност и како потенцијална закана.
„Еден од основните предизвици, јас би рекол, вештачката интелигенција сè уште е непозната. И како можност, и како придобивка, но и како закана. И токму затоа е многу важно да ги следиме алатките кои што ќе се развиваат. За само една година се креирани околу 7,5 милиони нови апликации кои што се поддржани од вештачката интелигенција, па дури и ние на универзитетите веќе самостојно креираме наши алатки. Сето тоа мора да биде соодветно следено и да се обидеме да ги превенираме евентуалните штети кои што вештачката интелигенција може да ги предизвика по нормалното работење на институциите“, вели Дујовски.
Новите технологии бараат и нов пристап од безбедносните институции. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека МВР во текот на 2027 година ќе започне со примена на дигитални технологии и алатки кои вклучуваат и вештачка интелигенција.
„Вештачката интелигенција, хибридните закани, сите оние предизвици кои што ни доаѓаат со текот на оваа современа технологија која што ја имаме секојдневно, се особен предизвик, како од правен аспект, така и од безбедносен аспект, така и од аспект на институционален однос. И навистина, освен што мораме да сме во чекор со времето во делот на примената на нови технологии, така мораме да сме во чекор со времето и подготвени на предизвиците кои што ги имаме пред нас. Министерството за внатрешни работи во текот на 2027 година ќе започне со примена на одредени технологии кои што во себе содржат алатки дигитални, кои што во себе содржат вештачка интелигенција, кои што во себе содржат сè тоа што се нуди во рамките на 21 век, како технолошки предизвик“, изјави Тошковски.
Дигиталната трансформација го менува и образованието, а младите се меѓу најактивните корисници на новите технологии. Покрај дигиталните знаења, потребно е да се развиваат и знаења за ризиците од злоупотреба на личните податоци и манипулација со информации.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека образовниот систем опфаќа 250.000 ученици и 60.000 студенти, кои треба да бидат подготвени за новите технологии, но и за ризиците што тие ги носат.
„Тргнуваме со образовен систем кој опфаќа 250.000 ученици и 60.000 студенти. За некои други земји е мал број, но за нашата земја е значителен број. Учениците и студентите кои мораме да ги насочиме кон новите технологии, но и да ги заштитиме од потенцијалните ризици. Ако чекориме кон иднината, границата помеѓу физичкиот и дигиталниот свет речиси целосно исчезнува. Вештачката интелигенција, автономните системи и паметните мрежи навлегуваат активно во нашите градови, економија, образование, здравство, инфраструктура. Оваа трансформација носи огромни можности, но и редефинирани предизвици. Во оваа нова ера се соочуваме со три клучни предизвици: проширени сајбер-закани, дезинформации и заштита на приватноста“, рече Јаневска.
Колку повеќе дигиталните системи стануваат дел од секојдневното функционирање на општеството, толку поголема е и потребата од нови механизми за заштита.
Во Охрид се одржува 17. конференција „Безбедност 2030“, на која се дискутира за современите безбедносни предизвици и одговорот на институциите на технолошките промени.
