Општина Охрид објави јавен повик за поднесување предлог-програми, проекти и активности од областа на културата наменети исклучиво за деца од 3 до 12 години, во рамки на програмската линија „Културата расте со децата“ за 2027 година.
Целта е збогатување на културната понуда за најмладите со квалитетни, безбедни и достапни содржини, преку кои децата ќе можат активно да учествуваат во културниот живот, да ја развиваат креативноста, да создаваат читателски навики и да се запознаваат со локалната традиција и културното наследство.
Можност за учество имаат здруженија и фондации, културни, образовни и уметнички организации, други правни лица, како и физички лица со живеалиште во Општина Охрид, автори, уметници, педагози, едукатори и културни работници со соодветно искуство.
Поддршка ќе се разгледува за проекти од областа на детската култура и уметност, музиката, театарот, танцот, креативните и едукативните работилници, книжевноста за деца, фолклорот, традицијата, детските манифестации и фестивали, како и иновативни културно-образовни програми.
Проектите треба да се реализираат на територијата на Општина Охрид, а при оценувањето ќе се земат предвид квалитетот на идејата, влијанието врз децата, инклузивноста, изводливоста и оправданоста на буџетот. За да може еден проект да биде предложен за финансиска поддршка, треба да освои најмалку 60 од вкупно 100 бодови.
Хонорарите што ќе се покриваат од евентуално одобрените средства не можат да надминат 30 проценти од одобрениот износ.
Пријавите се доставуваат во затворен плик до Општина Охрид, на улицата „Димитар Влахов“ бр. 57, лично преку општинската архива или по пошта.
Крајниот рок за доставување на апликациите е 30 ноември 2026 година, до 15 часот.
Конечната финансиска поддршка ќе зависи од средствата планирани во Програмата за култура и Буџетот на Општина Охрид за 2027 година.
