Во регионот обновени 119 хектари шума – во Струга се разговараше за заштитата

Нелегалната сеча, шумските пожари, сушите и ерозијата се меѓу најголемите закани за шумите во сливот на реката Дрим. Во изминатите четири години, преку регионална соработка на Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, обновени се 119 хектари шума и засадени повеќе од 119.000 автохтони дрвја.

Овие резултати беа претставени на регионалната експертска тркалезна маса што се одржа во Струга, посветена на интегрираното управување со шумите на Западен Балкан, предизвиците и можностите за нивна долгорочна заштита.

На собирот учествуваа претставници на државните институции, шумарскиот сектор, локалните самоуправи, академската заедница, граѓанските организации и бизнис-секторот од четирите земји.

Шумите во сливот на Дрим имаат исклучително значење за зачувувањето на биолошката разновидност, регулирањето на водите и ублажувањето на последиците од климатските промени. Истовремено, тие претставуваат важен економски ресурс за населението во руралните средини.

Според експертите, нивната заштита бара поголема институционална соработка, континуирано пошумување, спречување на ерозијата и примена на одржливи практики во користењето на шумските ресурси.

Во рамките на регионалниот проект „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“ се реализираат активности за обновување на деградираните шумски површини, природна регенерација, контрола на ерозијата и зајакнување на отпорноста на шумите на климатските промени.

Покрај еколошките придобивки, проектот отвора можности и за локален економски развој преку пчеларство, користење биомаса за греење, преработка на шумски производи, одгледување и користење костен, како и развој на екотуризмот.

„Во изминатите четири години, нашата соработка во Албанија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора придонесе за обновување на 119 хектари шума, засадување на повеќе од 119.000 автохтони дрвја и зајакнување на знаењата на околу 2.100 луѓе за подобра грижа и управување со шумите“, истакна Анила Аљај, директорка на ЦНВП Албанија.

Таа нагласи дека најголемиот успех се воспоставените партнерства меѓу локалните заедници, експертите и институциите, кои овозможуваат заедничко справување со еколошките предизвици.

На регионалната средба беше потенцирана и потребата од надминување на разликите меѓу законските политики и нивната практична примена на терен, како и обезбедување долгорочна поддршка за локалните заедници и зелените бизниси.

Регионалниот проект се спроведува од ноември 2022 година во четирите земји, со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој, во рамките на програмата „International Partnerships Austria“. Проектот го реализира ЦНВП во партнерство со австриската организација ICEP, со дополнителна поддршка од компанијата Lenzing AG.

Целта е воспоставување долгорочна регионална соработка за зачувување на шумските екосистеми, поголема климатска отпорност и создавање одржливи економски можности за населението во сливот на реката Дрим.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани