Во Рамне оддадена почит на 400 српски регрути настрадани во 1915 година

Во атарот на охридското село Рамне вчера  беше одржана комеморација по повод 111-годишнината од страдањето на 400 српски регрути во периодот 1915–1916 година, во Првата светска војна.

На местото каде што се наоѓаат остатоците од спомен-костурницата „Четиристотини“, беше оддадена почит на младите војници кои трагично ги загубиле животите. Комеморацијата беше посветена на зачувувањето на споменот за невините жртви и историските настани од тој период.

На настанот присуствуваше и почесниот конзул на Република Србија во Македонија, Михајло Филев, кој во име на Амбасадата на Република Србија положи свежо цвеќе пред спомен-костурницата. Почит им оддадоа и претставници на српската заедница во Македонија, предводени од здружението „Коштана“, претставници на политички партии и граѓани.

Спомен-костурницата била изградена во 1925 година, по иницијатива на владиката Николај Велимировиќ, според проект на српскиот архитект Момир Коруновиќ.

„Да ги паметиме невините жртви. Да ја чуваме историјата. Да не дозволиме времето да ги избрише нивните имиња и нивното страдање“, порача Филев во објавата на социјалните мрежи по повод комеморацијата.

Одбележувањето во Рамне уште еднаш ја нагласи важноста од зачувувањето на историската меморија и почитта кон жртвите од војните.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани