На граничниот премин Ќафасан, денеска, беше промовиран интегрираниот граничен систем „One Stop Shop“, настан на кој присуствуваа премиерите на Македонија и Албанија, Христијан Мицкоски и Еди Рама.
Системот треба да го олесни движењето на патниците и возилата меѓу двете земји, да го намали времето на чекање на границата и да ги интензивира економските и туристичките врски.
Мицкоски истакна дека граничниот премин Ќафасан го минуваат неколку милиони патници годишно, поради што воведувањето на заедничкиот систем е значаен чекор во олеснувањето на комуникацијата меѓу двете соседни земји.

„За нас претставува задоволство што можеме да го отпочнеме овој начин на соработка помеѓу двете земји, помеѓу Албанија и Македонија, бидејќи ‘One Stop Shop’ системот ќе го олесни транспортот на патници. Неколку милиони годишно го поминуваат овој граничен премин, а на тој начин дополнително ќе ги доближи и онака блиските две земји“, истакна Мицкоски.
Тој најави очекување ваквиот модел на соработка да продолжи и на другите гранични премини со Албанија, со што дополнително ќе се зајакнат врските меѓу граѓаните од двете страни на границата.
Особено го нагласи значењето на системот за развојот на туризмот, посочувајќи дека полесното преминување на границата ќе придонесе за поврзување на туристичките дестинации од двете земји – Охрид, Струга и Охридското крајбрежје со албанското приморје.
„‘One Stop Shop’ системот ќе додаде вредност и во делот што значи зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал коишто го имаат двете земји. Кога зборувам за двете земји, тука мислам на Охридското крајбрежје, Охрид и Струга, како и останатите општини кои гравитираат, и секако морето во Албанија“, рече премиерот.
Мицкоски се заблагодари на институциите, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и сите вклучени во реализацијата на проектот, како и на албанскиот премиер Еди Рама за поддршката во спроведувањето на иницијативата.
