Православните христијани денес, 29 ноември, го чествуваат Светиот апостол и евангелист Матеј, еден од дванаесеттемина Христови апостоли и автор на првото Евангелие.
Свети Матеј, син на Алфеј, познат и како Левиј, живеел во галилејскиот град Капернаум. Пред да стане Христов ученик, бил богат човек и работел како цариник, занимање кое во тоа време било презирано меѓу народот.
Според христијанското предание, кога Исус Христос поминувал покрај царинарницата, го видел Матеј и му рекол: „Врви по Мене!“ Матеј веднаш станал, оставил сè зад себе и тргнал по Христос. Во својата радост, во својот дом приредил гозба за Господ и неговите ученици.
Тој бил непосреден сведок на Христовиот живот, неговите проповеди и чуда, на распнувањето, воскресението и вознесението. По слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, Матеј ја продолжил мисијата за ширење на христијанството.
Преданието сведочи дека го проповедал Евангелието во Партија, Мидија и Етиопија, каде што многумина ги обратил во христијанската вера. Во Етиопија поставил епископ по име Платон, а самиот продолжил со мисионерската дејност.
Свети Матеј го напишал Евангелието според Матеј, во кое ги запишал Христовото учење, животот и делата. Според црковното предание, првично било напишано на еврејски јазик, а подоцна било преведено на грчки.
Житието сведочи и за неговото маченичко страдање во Етиопија. Откако ја обратил во христијанството жената и синот на тамошниот владетел, кнезот се разгневил и наредил апостолот да биде мачен. И покрај страдањата, Матеј останал непоколеблив во верата и го завршил животот молејќи се на Бога.
Православната црква го чествува како пример за покајание, пожртвуваност и непоколеблива вера. Неговиот живот сведочи дека духовната преобразба е можна за секого, без оглед на неговото минато.
Денешниот празник се одбележува во текот на Божикниот пост, а според православниот календар, бидејќи е недела, дозволена е употреба на риба.
