„Охридско лето“ со концерт на светски признати уметници во Скопје на 4 декември

„Охридско лето“ ја продолжува концертната дејност и надвор од фестивалските денови. На 4 декември во Скопје, во Музејот на македонската борба за самостојност, ќе настапат корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.

Концертот е закажан за 19 часот и е дел од дополнителната музичка програма на фестивалот. Јуна Ли е меѓународно призната оперска уметница, особено позната по улогата на Чо-Чо-Сан во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, која ја има изведено речиси 200 пати. Се образувала на престижната Џулијардска школа во Њујорк, а настапувала со реномирани оперски куќи, меѓу кои Метрополитен операта и Вашингтонската национална опера.

Нејзин сопруг и музички партнер е пијанистот Кенет Клецјен, кој студирал на Конзерваториумот при Колеџот Оберлин и на Џулијардската школа.

Од „Охридско лето“ најавуваат дека концертните активности во текот на целата година сакаат да прераснат во традиција, со што фестивалот ќе ја продолжи својата културна мисија и надвор од официјалните фестивалски денови.

„Со овие концерти сакаме да покажеме дека ‘Охридско лето’ не живее само во текот на фестивалските денови, туку дека нашата мисија продолжува во текот на целата година. На овој начин ја прошируваме нашата концертна дејност, отвораме можности за нови уметнички соработки и ѝ овозможуваме на публиката да ужива во настапите на еминентни музички имиња, надвор од летниот период. Особено ни е важно оваа иницијатива да прерасне во традиција“, вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Посебен белег на претстојниот концерт ќе биде и премиерното претставување пред македонската публика на дела од американски композиторки. Со нивното вклучување во програмата, организаторите сакаат да ја нагласат родовата инклузивност во класичната музика и да придонесат за поголема видливост на жените-композиторки.

Концертната година на „Охридско лето“ ќе заврши на 7 декември во Охрид, со предновогодишен концерт посветен на градот и охриѓани. На сцената ќе настапат бугарската сопранистка Илина Михајлова и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани