Охрид работи на развој на спортски туризам. На терените на „Билјанини извори“ на подготовки, моментално тренираат фудбалски тимови од Албанија и Косово.
Јавното претпријатие планира подобрување на условите. Изградба на дополнителни терени за потребите на спортистите и подобрување на спортската инфраструктура. Како град, кој има идеална клима и надморска височина, треба да се стремиме кон развој на спортскиот туризам, затоа што бенефит има целиот град, вели директорот Теодор Андоноски.
-„Најави од спортски екипи за припреми имаме. Моментално имаме фудбалери од Косово, од Албанија а во тек се турнири за најмладите кои се во организација на фудбалските школи. Од 19-ти започнува и фудбалски турнир со над 500 учесници со гости дечиња од Албанија“, вели Андоноски.
Наскоро ќе се осветлуваат терените со вештачка трева за да може да се тренира и во ноќните часови.
„Охрид има услови за да развива спортски туризам, идеална клима за подготовки на спортски екипи во фудбал, ракомет, кошарка… Имаме надморска височина идеална за припреми. Треба да се обезбедат што повеќе фудбалски терени, а и осветлувањето на терените со вештачка трева е во насока на тоа. Во текот на летниот период преку ден е топло и има потреба од одржување на тренинзи и натпревари навечер. Фудбалските школи од Охрид исто така бараат осветлување на терените па со тоа покрај развивање на спортскиот туризам ќе направиме и подобри услови за нашите клубови“, додава Андоноски.
Во насока на промоција на спортот и спортскиот туризам, се реновира северното игралиште, а ќе се покрива и едно од тениските игралишта.
-„Во планот за 2022 година Јавното претпријатие „Билјанини извори“ презеде обврска да го реновира северното игралиште кое се наоѓа кај затворениот пливачки базен и таа реконструкција е во тек. Исто така во план сме да извршиме осветлување на теренот со вештачка трева со што ќе се продолжи тренажниот процес за најмладите, за школите и нормално и за подготовки на спортските екипи. Треба да изработиме и проект за покривање на едно од тениските игралишта, овој проект ќе го реализира општина Охрид“, истакна Андоноски.
Центарот „Билјанини извори“ има одлични услови за спортски туризам, покрај спортската сала, има атлетска патека, тениски игралишта, базен и фудбалско игралиште на вештачка трева. Една од заложбите на локалната власт е да издвојува повеќе средства за поддршка на спортските екипи во градот.
„До 5 минути“ – видео интервју со Теодор Андоноски