Голем наплив на пациенти во одделот за Физикална терапија во Вевчани.
Кабинетот кој функционира во рамките на Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ , започна со работа во февруари годинава.
Има лекар специјалист физијатар , двајца физиотерапевти и медициснка сестра, што според менаџментот е сосема доволно за почеток. Засега работи во една смена, но ако продолжи интересот ќе биде воведена и попладневна смена. Дневно се третираат по дваесетина пациенти, а интересот расте.
„Од почетокот на годинава ја оформивме службата, ги набавивме неопходните апарати што се отребни за работа и непречно работиме. Морам да кажам дека има голем интерес од страна на пациентите. Дневно имаме и по дваесетина пациенти, не очекувавме толку голем интерес. Се трудиме максимално пациентите да се ослужени“, вели д-р Самир Лушкоски специјалист физијатар.
Кабинетот засега работи до 15 30 часот.
„Засега фунцкионираме од 7 до 15 30, но доколку расте интересот ќе биде воведена и втора смена. Нашата цел е да им излеземе во пресрет на пациентите, бидејќи голем дел од нив не може да дојдат претпладне поради работни обврски , планираме да го зголемиме и персоналот и да овозможиме двосменско работење“, додава Лушкоски
Одделот за физијатрија располага со современа апаратура.
„Имаме апарати за електротерапија, потоа имаме апрати за соно терапија, штотуку добивме и апарати за магнето-терапија Спроведуваме и кинези терапија. Најголем број од пациентите се од регионот од Велешта до Дебар, кој го покрива Здравствениот дом, но имаме и пациенти кои доаѓаат и од струшкиот регион“, појаснува д-р Лушкоски.
„Најголем број од пациентите имаат дегенеративни промени, тоа се пред се лумбарго, лумбоисхијалгија, а потоа гонатрози, болки во колената… Голем број се жалат на проблеми со вратот, вратната кичма и во рацете. Преку 80% се пациенти со дегенеративна проблематика, пред се старосни промени“, вели лекарот.
Доктор Лушкоски препорачува секојдневна физичка активност за елиминирање на здравствените проблеми кај пациентите.
„Најголемиот дел од пациентите работат статична работа и го занемаруваат вежбањето. Ние како општество многу малку внимание посветуваме на вежбање. Клучна е физичката активност во секојдневното живеење. Покрај терапијата која ја даваме ние мора раздвижување и физичка активност“, препорачува д-р Лушкоски.
Планот е наскоро одделот за физијатрија да се прошири во нови простории за поквалитетна услуга на пациентите. Отворањето на овој кабинет е големо олеснување за пациентите, бидејќи тие веќе не мора за третман да патуваат до Специјалната болница Свети Еразмо.