АВРМ го презентираше проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“

Претставниците на државната Агенција за вработување, пред бизнисмените во Охрид ги презентираа придобивките за граѓаните кои примаат гарантиран минимален приход и за компаниите кои ќе ангажираат граѓани од овие ранливи категории во рамки на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, кој се реализира од страна на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и финансиски е поддржан од Европската унија за да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираниот минимален приход.

„Ранливите групи на пазарот на труд се вклучуваат во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. Со оваа реформа, најзагрозените категории од сиромаштија, односно тие што не се активни подолго време и се под социјална заштита, ќе се вклучат на пазарот на труд“, објасни Наташа Здравковска, координатор на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“.
Според неа, граѓаните ќе добијат услуги за советување и мотивација (СИМ програма) преку психосоцијална и менторска поддршка како прва компонента на проектот. „По ова ќе следува вклучување на пазарот на труд преку обуки и вработување преку 4 активни мерки, како што се Обуки за побарувани занимања, Обука кај познат работодавач, Практикантство и Субвенционирано вработување“, вели Здравковска.

Во реализација на проектот учествуваат Центрите за вработување и Центрите за социјална работа, кои меѓу себе комуницираат преку систем за електронска размена на податоци за подобра селекција и ефикасност на процесот. Во проектот се вклучени повеќе од 1500 лица корисници на гарантирана минимална помош, од кои досега најмалку 5 проценти веќе се вработени. Реализацијата на проектот обезбедува информации за ранливите категории граѓани, како што се нивниот став, менталитет, уверувања и предрасуди, што ќе бидат основа за прилагодување на активните мерки и услугите на двете институции за да се постигнат подобри резултати на теренот. Притоа, главни партнери – поддржувачи на ваквата активност се Центрите за вработување, Центрите за социјална работа и секако, бизнис заедницата на локално ниво.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани