Белата чума коси во Охрид. Драстично се намалува населението во градот. Овие податоци ги потврди Државниот завод за статистика.
Во последното тромесечје од 2018 година, Охрид имал највисок негативен прираст на населението, односно алармантни – 75 ! Што значи 75 повеќе починати во однос на родени лица.
Податоци кои загрижуваат и за кои често се зборува.
Причина број еден за намалениот природен прираст првенствено е иселување на младите, кое не запира со години. Охрид станува град на старци.
Не помалку загрижувачка е состојбата и во другите македонски градови како Прилеп, каде прирастот е -68. -29 е прирастот во Пробиштип, -22 во Ресен, -21 во Свети Николе, -16 во Старо Нагоричане, -12 во Чешиново – Облешево, -11 во Штип, во Кичево -23, во Крушево -14, Кочани -25, Маврово – Ростуша -6, Македонски Брод -22, Могила -16, Јегуновце -12, Делчево -23, и други.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2018 година, во споредба со истиот период од претходната година, е зголемен за 5.0 % и изнесува 5 597 живородени деца.
Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2018 година бележи зголемување од 9.1 % во споредба со истото тримесечје од 2017 година и изнесува 5 405 лицa, а од нив 48 се умрени доенчиња.
Природниот прираст изнесува 192, што значи дека за толку лица е поголем бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е зголемен за 6.4 % во споредба со истиот период од 2017 година и изнесува 3 261 брак.
Во ова тримесечје се добиени 442 извештаи за разведените бракови.
