Шеснаесетгодишна девојка се здобила со тешки телесни повреди во сообраќајна незгода што се случила на локалниот пат помеѓу охридските села Горно и Долно Коњско.
Како што информираат од СВР Охрид, несреќата се случила на 24 јуни околу 19:30 часот, кога И.П. (20) од селото Узем, кривопаланечко, управувајќи четирицикл со охридски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од патот.
Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила неговата 16-годишна сопатничка од селото Марино, општина Илинден. Повредите биле констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.
По налог на јавен обвинител, увид на местото извршила екипа на СВР Охрид, при што било утврдено дека возачот го управувал четирициклот без возачка дозвола.
Поради тоа, 20-годишникот бил лишен од слобода, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
