Современиот систем за сообраќаен надзор „Безбеден град“ (Safe City), кој официјално стартуваше на 1 февруари 2026 година, постепено се воведува и на подрачјето на СВР Охрид.
Од СВР Охрид ја информираат јавноста, а особено возачите на моторни возила, дека денеска, по извршеното финално тестирање, стручни екипи ставиле во функција безбедносни камери на автопатската делница кај Ново Село, во општина Дебрца.
Во наредниот период се очекува проектот „Безбеден град“ да профункционира и на патниот потег помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на коридорите 8 и 10 на подрачјето на СВР Охрид.
Од полицијата појаснуваат дека уредите се веќе поставени, но сè уште не вршат санкционирање, бидејќи се наоѓаат во фаза на завршна техничка проверка и тестирање.
Системот „Безбеден град“ ќе овозможи засилена и постојана сообраќајна контрола, ќе придонесе за намалување на сообраќајните незгоди, ќе врши детекција на сообраќајни прекршоци и ќе овозможи повисок степен на безбедност на патиштата.
Од СВР Охрид апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а особено да внимаваат на дозволената брзина на движење, која на оваа автопатска делница изнесува 100 километри на час.
