Даночно-пензиската реформа стана реалност.
Се воведе нова повисока стапка од 18% за делот од примањата што надминува 90 илјади денари месечно, компаниите ќе издвојат повеќе и за пензиско и здравствено осигурување. Бизнисот веднаш се крена на нозе и се бореше до крај, но не успеа. Бараше одложување за 5 години, бидејќи по долга политичка криза сметаше дека стопанството не е подготвено.
Од Владата не прифатија никакво одложување. Доволна отстапка било тоа што прагот за поголемо одданочување бил подигнат од првично планираните 60 на 90 илјади денари месечно.
Први на удар се информатичарите. Велат платите нема да растат, а иселувањето на стручниот кадар ќе забрза.
За 50%, односно од 10 на 15% се зголеми и данокот на примањата од права од индустриска сопственост, од закуп, капитал, капитални добивки, игри на среќа, осигурување. Бизнисмените алармираа дека анализата на Владата е паушална, без сериозна проценка за тоа колку ќе се прошири сивата економија, ќе придонесат за пораст на кириите, селење на капиталот во други земји, ќе ги одвратат странските инвеститори од вложување во земјава.
Незадоволни се и пензионерите. Откако се зголеми придонесот за пензиско и се стегнаа условите за бенефициран стаж, велат единствен начин да се намали дефицитот во државниот пензиски фонд е да се отворат нови работни места и да растат платите. Бараат еднократно покачување за оние со најниски пензии.
Со реформите на пензискиот систем, кои почуваат да се применуваат со стартот на оваа година, осигурениците од приватните задолжителни пензиски столба кои се родени пред 1967 година ќе бидат автоматски префрлени во државниот Фонд за ПИОМ и пензија ќе примаат само од таму. Право на избор да останат во приватните фондови ќе имаат само оние членови родени пред 1967 година, а кои доброволно пристапиле во задолжително пензиско осигурување. Тоа ќе можат да го направат со потпишување изјава за продолжување на членство во вториот стол, најдоцна до 30 септември 2019 година.
Според објаснувањето од Министерството за труд и социјална политика, оваа мерка се презема за да им се даде можност на овие граѓанида имаат поповолни пензии.
