Две лица загинаа, а најмалку 120 се повредени во силен земјотрес што ги погоди грчките острови во југоисточниот дел на Егејско Море.
Неименуван претставник на болницата на островот Кос наведе дека две странски лица се загинати при удар со камења од стара зграда што се урнала во земјотресот.
Градоначалникот на Кос, Јоргос Киритас потврди дека загинатите се странци. Земјотресот бил со интензитет од 6,7 степени според Рихтеровата скала, соопшти Американскиот геофизички институт, додека Опсерваторијата во Атина наведе дека тој бил со интензитет од шест степени, а други грчки преставници тврдат дека неговиот интензитет бил 6,5 степени според Рихтер.
Епицентарот на земјотресот се наоѓал на 10 километри југоисточно од крајбрежниот турски град Бодрум, а на 16,2 километри источно од грчкиот остров Кос.
Освен на грчките острови, земјотресот бил почувствуван силно и на западното крајбрежје на Турција, претежно во Бодрум, пренесува БТА.