Пристигнаа првите семејства од Украина во Охрид и Струга. Седумчленото семејство Орлоскаја од Запорожје, ја оставија сопствената куќа и бизнисот, кој го граделе со години за денес да се бегалци далеку од татковината.
Владимир и Марија со своите пет деца од кои најмалото има само еден месец, а најголемото 11 години, живееле во близина на аеродромот во Запорожје, каде се слушале пукотници и бомбардирање од првиот ден од руската инвазија Им се тресела целата куќа, а по улиците шетале луѓе со оружје. Во страв спакувале една торба облека и одлучиле да избегаат во Западна Украина, каде останале една недела и помагале на бегалци како волонтери.
Но, кога и во тој дел одекнувале сирените за воени напади одлучиле да ја напуштат татковината.
„ Заминавме со една торба, оставивме се зад себе. Оставивме клуч од нашата куќа на соседите, за да може да им послужи на други бегалци да може да преспијат и да се засолнат. Лани бевме како туристи во Албанија, Бугарија, Романија, Црна Гора, Македонија, во тоа патување најмногу ни се допадна Македонија и затоа дојдовме тука затоа што се чувствуваме убаво овде. Сакавме да живееме во православна земја, во убава земја со убава природа“, вели Марија Орловскаја жител на Украина.
Моментално бесплатно се сместени во хотел во Струга, за тоа им помогнале волонтери од Албанија, засега имаат малку финансии, но ќе им биде потребна помош. Децата им учат онлајн по украинската наставна програма, но би сакале да ги пуштат на некој спорт, танцување, пеење и слично. Сакаат да најдат работа таа е докторка диетолог и водела грижа за бремени жени, сопругот работел финансии.
„ Нашата куќа е во близина на аеродромот од првиот ден слушаме бомбардирање. Одлучивме да го напуштиме и домот и бизнисот, загрижени за своите деца на 15 март ја напуштивме татковината“, вели Владимир Орловски.
Семејството Косиченко од Полтава со своите три деца и милениците куче и маче ја напушти Украина, денес се сместени во Охрид. Поради бомбардирањето во Харков, кој е на сто километри од нивниот дом, десет денови живееле во подрум. Како се влошувала состојбата одлучиле со евакуациониот воз да го напуштат родното огниште. Со солзи раскажуваат за хоророт кој го доживеале.
„Сакавме да заминеме во Полска, но таму беше хаос, три дена се чекаше да се патува со евакуациониот воз. Со волонтерски автобус стигнавме до Полска, каде останавме 19 дена но поради големиот број бегалци таму поскапеа кириите за становите од 1000 долари за еден месец. Во еден ден побаравме сместување во 80 станови кои се издаваа, но цените беа прескапи и ни бараа да уплатиме за три месеци однапред. Овде најдовме сместување за два месеци плативме 500 евра“, вели Олга Косиченко.
На двете семејства со осум деца потребна им е финансиска помош и помош во облека и храна. Сите тие денес живеат во надеж дека војната ќе заврши и набрзо да се вратат во сопствената татковина.
Новинар Соња Рилковска