Во организација на Едриличарската федерација на Македонија и амбасадата на ЕУ, под мотото “Запознај го едрењето, заштити го езерото“, се одржа панел дискусија на која присуствуваа повеќе претставници од институциите и невладини организации.
-„Во своето излагање ја поздравив иницијативата на Едриличарската федерација и истакнав дека пред локалната самоуправа стојат низа предизвици во однос на заштитата на езерото. Тука пред се мислам на Планот за управување со Охридското крајбрежје, што треба да го изработи Министерството за транспорт и врски, во кој ќе се дефинираат многу сегменти за ползување на крајбрежјето, вклучувајќи ја и изградбата на толку потребната Марина за пловните објекти. Се разбира ни треба нова, издржана, вистинска стратегија за туризам, во која ќе се дефинира правецот во кој ќе се движи Охрид во иднина. Напоменав дека постои и законска можност во иднина сите пловни објекти да бидат електрифицирани“, истакна градоначалникот Пецаков.
Едрењето има свое место во спортот, туризмот, екологијата, рече Соколовиќ. Потребно да се поддржат едрилиците кои користат ветер, да се изградат марина, сидришта, пристапи до туристичките населби и батерии за полнење на електричните мотори.
-Состојбата во однос на моторните пловни објекти наспроти едрилиците е 60 наспрема еден. Јас се надевам во блиска иднина тој број барем да е обратен 60 едрилици наспрема моторните пловила. Следна фаза е свртување кон емисија на нула јаглероден диоксид, едрилиците да немаат никаков импакт врз езерото и околината, моторите да се заменат со електрични мотори – изјави Соколовиќ.
Во дискусијата учестувуваа и претставници на повеќе невладини институции, искажувајќи ја својата загриженост за состојбата на езерото, барајќи што поскоро квалитетни законски решенија за негова заштита.