Трочлена банда од Битола, летово сееше страв низ охридски Варош.
Полицијата ги фати крадците што летово не им дадоа мир и ги оставија без спиење жителите од Стар град. Се работи за трочлена банда крадци од Битола, меѓу нив и една жена. Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид вели дека против три лица од Битола, поднесена е кривична пријава.
– Поради постоење основи за сомнение дека е сторител на вкупно седум казнени дела од кои, две „кражба“, три „тешка кражба“ и две „тешка кражба во обид“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.С.(27) од Битола. Во пријавата, поради сторени шест казнени дела „помагање“, опфатена е и С.С.(49) како и Ѓ.Б.(47) од Битола, за сторени шест казнени дела „поттикнување“, изјави Димоски.
Како што нагласува портпаролот Димоски, „пријавениот В.С. казнените дела ги сторил во периодот од 11 август до 09 септември 2019 година, на улиците „Климентов универзитет“, „Кузман Капидан“ „Кочо Рацин“ „Кирил и Методи“ и „Нада Филева“ во Охрид, каде, од повеќе куќи и апартмани одземал пари, мобилни телефони и други вредни предмети. За време на извршувањето на кражбите, второпријавената С.С. вршела обезбедување и набљудување на просторот околу куќите додека третопријавениот Ѓ.Б. со возило ги превезувал и ги чекал на договорени места“.