Вчера се одржа манифестација „Охридски поетски бисер“.
Во манастирскиот комплекс „Св. Стефан“, точно на пладне , пред љубителите на убавиот збор се одржа третото издание на поетската манифестација „Охридски поетски бисер“.
Овој настан има благородна мисија во афирмирањето, пренесувањето и зачувувањето на македонскиот јазик, не само во Македонија туку и низ целиот свет. Таа им дава можност на непознатите, анонимни поети, особено на помладите генерации, во содејство со веќе познати македонски автори да станат дел од промоторите на пишуваниот поетски, македонски јазик.
.jpg)
– За нас, македонскиот јазик е и ќе остане наш корен, наш стожер, наша духовност, наша опстојба и водилка кон иднината на идните македонски генерации, порачаа организаторите.
-„Трето по ред издание на манифестацијата ,,Охридски поетски бисер” – стихови кои ти го разнежнуваат срцето во исконската убавина на нашиот свет Охрид… Честитки за организаторите, за првонаградената поетеса Ели Маказлиева и сите уčесници на манифестацијата, рече претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.
.jpg)
Повеќегодишната идеја на ентузијастите и вљубеници во поезијата Мирко Томовски и Митре Мангоски Радождански, се реализира во 2016 година кога на 26-ти август се одржа првото издание во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, на кој што присуствуваа голем број на поети и гости од цела Македонија. Се рецитираше поезија исклучиво за Охрид, убавините на Охрид и историските личности на Охрид, при што свое учество зеде и легендата на македонската забавна музика, Драган Мијалковски. Втората по ред поетска манифестација, благодарение на организаторите Мирко Томовски, Митре Мангоски Радождански, Трифун Ѓорѓиоски, Перчо Божиноски и сестраната подршка на Крсте Наумоски Мечкар, се одржа во македонското свето духовно место – манастирот „Св. Петка“ во село Велгошти, во пазувите на Олмец, на 15-ти јули 2017 година каде настапија 40-тина поети од Република Македонија и дијаспората.
.jpg)
И оваа, 2018 година, македонската светост за организаторите продолжи да биде мотив поетската манифестацијата и токму затоа повторно се одржа во духовно светилиште, овој пат во манастирот „Св. Стефан“, благодарение на Општина Охрид и несебичното залагање на градоначалникот Јован Стојаноски, кој е покровител на фестивалот кој ја продолжува традицијата со збогатена содржина.
