Задоволство и среќа бликаше денеска на лицата на полските туристи кои со чартер лет од Катовице слетаа на охридскиот аеродром и го видеа срдечниот и пријателски пречек од охридските и македонски домаќини.
Цели семејства, вљубени двојки, друштво од пријатели, не ги криеја импресиите од првиот поглед од воздух кон Охрид.Кажаа дека магија бил првиот впечаток, импресивно езеро и убава околина. Не ги криеја надежите дека ова ќе е нивниот одмор од соништата и дека очекуваат фантазија од Охрид. Денеска, во духот на македонската традиција-со погача и сол, на аеродромот беа дочекани 220 полски туристи кои за прв пат доаѓаат во Охрид. Тие на „Св.Апостол Павле“ слетаа со „Ербас 321“ со првиот чартер лет на авиокомпанијата „Small Planet Airlines“.
Денеска практично се реализира проектот на чијашто реализација во изминатава година, напорно работеше туристичката агенција „Фибула ер травел“ и „Рего-Бис“, великан меѓу полски туроператори.
„Ние сме првиот полски тур-оператор што нуди летови и автобуски превоз од Катовице (Полска) до Охрид, рече сопственичка на „Рего-Бис“,Габриела Манка Сокулу. Според Сокулу, предвидените авио чартер летови, во Охрид ќе донесат над 3000 туристи, како и над 2000 полски туристи, кои, е договорено да доаѓаат со чартер автобуси.Сите тие, над 5000 полски туристи имаат десетдневен аранжман и се сместени во хотелите на охридско-струшкото крајбрежје.
Директорот на „Фибула ер травел“, Асим Меџедовиќ, вели дека агенцијата ќе се потруди, полските туристи да добијат добра претстава за можностите кои ги нуди Македонија.Фибула,веќе подготви туристички екскурзии и посета не само на Охрид и Струга, туку и на другите локалитети за да се видат природните убавини кои ги има нашата земја. – изјави Меѓедовиќ.
Од денеска, па се до крајот на септември, на охридскиот аеродром ќе пристигнат вкупно 14 сезонски летови од Катовице. Би сакал да им се заблагодарам на сите инволвирани страни – најпрво на Рего-Бис како наш партнер, на Смол Планет Ерлајнс (Small Planet Airlines), на македонската туристичка агенција Фибула Ер Травел, на Министерството за транспорт и врски, на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот, на Општините, на полскиот Амбасадор, како и на сите надлежни институции од областа на воздухопловството и туризмот, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија. Според Амбасадорот на Република Полска во Македонија,Јацек Мултановски,полските туристи во Македонија ги привлекува менталитетот, културниот диверзитет, секако приридата, културата, но не помалку и гостопримството и храната.Денеска, полските туристи ги пречека и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
-Нашата заложба како влада е да го унапредиме авио сообраќајот да можат што повеќе туристи да дојдат во Република Македонија и ја поздравувам одлуката на полскиот туроператор да го одбере Охрид за дестинација кон која ќе реализира туристички чартер летови. – изјави министерот Сугарески.