Познатиот француски ескперт за води Марк Морели, пензионерските денови ги минува на брегот на Охридското езеро.
Вљубеник во културното и природното наследство, заедно со неговата сопруга, која е Македонка , цело лето живеат во приколка во Градиште. Интересно е тоа што Марк секојдневно организира еколошки акции за почиста животна средина. Собира отпад по плажите, но и во вода. Нуркајќи открива каде има отпад, а потоа со пријателите организирано го подигаат.
Последниве денови подигнаа дваесетина гуми од автомобили, кои повеќе од две децении беа на дното на Охридското езеро во Градиште.
– „Пензиониран сум веќе шест години, но секое лето со мојата сопруга која е Македонка, го минуваме во Градиште. Имаме една приколка во Градиште и секако од самиот почеток увидов дека луѓето не се грижат за отпадот и хигиената особено на плажата и во езерото.Па го стартувавме летото заедно со мојата сестра и пријателите почнавме еколошки акции за чистење на плажите околу Градиште и вдолж крајбрежието. Пронајдовме многу гуми на дното на езерото , кои претпоставувам повеќе од дваесет години биле тука. Одлучив да ги извадам. Повикав пријатели се организиравме не беше лесно, но ги извадивме 16 гуми од езерото повеќето од нив во околината на Градиште. После тоа со камион ги отстранивме на депонија“ вели Морели.
Морели прв пат во Охрид дошол во 2002 година во тоа време бил координатор на проект „Водите на Балканот“ финансиран од Европската комисија. Се вљубил во градот, па потоа организирал пет конференции за води и водените ресурси. За него, откако доволно прошетал по сите континенти, Охридското езеро е совршено и најубаво на светот.
–„Сум посетил многу земји, сум патувал и сум живеел на Карибите скоро дваесет гдини, сум живеел во Африка посетив многу земји но морам да кажам дека Охридското езеро е совршено и не најдов ниту едно друго езеро, едно и единствено е во светот. Ги сакам и морињата, но свежата вода во езерото е незаменлива. За жал македонците не се грижат многу за животнта околината и отпадот оставаат многу ѓубре на сите страни Мислам дека во иднина мора многу да ја подобриме еколошката свест за заштита на езерото“ , додава Морели.
Морели повикува на силни еколошки кампањи за подигнување на свеста на граѓаните, кои немилосно го загадуваат најстарото и најголемото езеро во Европа. Владата и општината да делуваат веднаш, да се организираат почести еколошки акции, а од најмали нозе да се воспитуваат и учат децата да водат грижа за чување на езерото.
Новинар Соња Рилковска