Уште еднаш се покажува на дело некадарноста и селективноста на оваа власт и во чија корист работи локалната власт, на чело со градоначалникот Константин Георгиевски . Тука му е местото и на премиерот, кој упорно е дециден дека ќе се руши, обвинуваат од ГДУ Охрид.
-Сакаме да го прашаме премиерот, што ќе се руши? Партиско одобрение за градба на хотел во заштитен појас има, а ќе се руши семејна куќа во реон кој е надвор од заштитниот појас?!
Ова е вашето право лице, ова ли е животот за сите? Некој што е со членска книшка ќе гради хотел на крајбрежје, а обичните граѓани немаат право ни на семејна куќа доградба да направат? Клиентелизам?
Уште еднаш се докажа дека за обичните граѓани законот и те како важи, но кога е во прашање некој моќник во Охрид тогаш може и да се прогледа низ прсти.
Замислете во Охрид засмета семејна куќа на патот кон УНЕСКО, замислете најпроблематична стана градбата на еден обичен граѓанин која е надвор од заштитниот појас и замислете после пет месеци припрема за акција, од каде почна акцијата… Жалосно и срамно!
Ако се присетиме, неколку месеци наназад, ќе наидеме на голема небулоза, впрочем оваа семејна куќа за 50 сантиметри ја надмина висината и веднаш во акција влезе Општината со полициска поддршка итн. додека ( несакајќи да ги навредиме сограѓаните од муслиманската заедница) минарето кое надмина 25 метри не заслужи ни коментар од градоначалникот Георгиевски , камоли од институциите.
Ние од ГДУ стоиме на својот став дека законот мора да важи подеднакво за сите, без исклучок, а не само за обичните граѓани. Воедно убедени сме дека градоначалникот и неговата партија работат на тоа да ги спасат своите финансиери од законот и да изнајдат решение да ги заобиколат нивните градби, стои во реакцијата на Граѓанско Демократска Унија- ГДУ- Охрид
