Четири американски државјани со македонско потекло се фатени како ги корнат и уништуваат садниците на пешачката патека кај каналот „Студенчишта“.
Полицијата ги приведе рано утрово и по брза постапка им поднесе прекршочна пријава. Стефан Димоски, портпаролот на СВР Охрид, информира дека поради постоење основи на сомнение дека сториле прекршок по член 27 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, СВР Охрид поднесе прекршочна пријава против четири американски државјани со македонско потекло. Во поднесената прекршочна пријава опфатени се: Д.Л. (22) и Ф.Л. (20) по потекло од струшкото село Радолишта како и М.Х. (24), А.Х. (21) со живеалиште во Аљјаска.
-Утрово во 05 часот и 50 минути, пријавените се затекнати на пешачката патека при движење од правец на дискотека „Парк“ кон каналот Студенчишта, како вршат оштетувања и корнење на засадените дрвца од средишниот дел на патеката. Притоа, пријавените целосно откорнале и целосно уништиле две садници а поголем број делумно ги оштетиле. Лицата се приведени и по брза постапка и се спроведени во Основниот Суд во Охрид, соопшти портпаролот Димоски.