И ВМРО го честита Илинден

И комитетите на ВМРО ДПМНЕ од Охрид и Струга го честитаа големиот празник Илинден. 

 

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид на сите граѓани им го честита државниот празник 2 Август – Илинден, Ден на Републиката.
Илинден е симбол за саможртвата за нашата Татковина, на непокорот и борбата на илјадниците македонски дејци, револуционери и борци за слободна и независна Татковина, Република Македонија. Стремежот и идеалите на генерации Македонци е преточен преку двата Илиндена, Крушево 1903 и АСНОМ 1944, двата столба на независноста на Република Македонија.
Драги сограѓани,
Заедно се поклонуваме на славното дело на нашите предци и нивната храброст и љубов кон Татковината. Секогаш сме го почитувале другиот и никогаш не смееме да дозволиме некој да го негира и оневозможува нашиот идентитет, нашето име, нашето постоење.
Борбата за Македонија никогаш не запира. Пред нас е нова и постојана борба, борба за достоинствена, стабилна, просперитетна Македонија. Во време на предизвици и искушенија, сите заедно обединети и сложни да продолжиме низ секој наш творечки подвиг и низ секој изгрев што нè осветлува.
Нека е честит и вековит Илинден!
Нека е вечен Охрид и нека е вечна Република Македонија!, честита ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид. 

Честитка и од ОК на ВМРО ДПМНЕ Струга:

-Почитувани, сограѓани и Македонци ширум светот, нека ни е честит 2ри Август-Денот на Републиката.

Борбата на еден народ за сoпствената држава никогаш не запира, како што вели нашиот голем македонски револуционер Јане Сандански: ‘‘Да живееш значи да се бориш. Поробениот за слобода, а слободниот за совршенство. ‘‘

Пред нас е уште една тешка и макотрпна борба зашто душманите и предавниците како некогаш, така и сега сакаат да не нема. Сакаат од душата да ни ги искоренат љубовта и идеалите за татковината, кои течат во нашите вени, кои се длабоко врежани во нашите гени, сакаат да не обезглават и обесчестат.

Денес го славиме Илинден со гордост и крената глава бидејќи на секој од нас пиреј ни расте во душа, бидејќи нашето име е Непокор, а презиме Македонија!
Затоа што не се предаваме и она што ни го оставија нашите револуционери и херои како аманет, ние ќе го зачуваме и предадеме на нашите поколенија- слободна, суверена, напредна, силна и самостојна Република Македонија.

Нека е честит и вековит Илинден!

Нека е вечна Република Македонија!

Со почит,
Мирче Аџиоски
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани