На седница на Собранието, Пендаровски ќе даде свечена изјава.
Денеска напладне, Стево Пендаровски ќе даде свечена заклетва во Собранието како нов претседател на Македонија.На инаугурацијата ќе присуствуваат државници од странство со кои подоцна ќе има офоцијални средби, потоа од дипломатскиот кор и гости од странство. Досега потврда за присуство на инаугурацијата на Пендаровски, како што соопштија собраниските служби, пристигна од четворица лидери во регионот.Потврдени се претседателите на Србија, Бугарија, Албанија и Косово – Александар Вучиќ, Румен Радев, Илир Мета и Хашим Тачи. Шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, ќе го претставува јужниот сосед, а Пендаровски билатерални средби треба да има и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска. Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно”, според најавата, во 13.45 часот ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки воени и државни почести. На кратка церемонија досегашниот претседател Ѓорѓе Иванов, според најавите, треба да му ја предаде должноста на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, а на која веројатно ќе разменат и неколку реченици, особено откако Иванов ги враќаше Законите во Собранието на кои стоеше новото уставно име на земјава, а за кои пак Пендаровски рече дека веднаш штом стапи на функцијата ќе ги потпише. Тие потоа заеднички ќе се сретнат со членовите на Кабинетот на претседателот.