Исклучена струјата на пет плажи, угостителите реагираат

По повеќе од три години откако е истечен и последниот договор за закуп на охридските плажи, ЕВН денес  ја исклучи струјата во пет објекти на плажите. 

Без електрично напојување останаа Куба, Кадмо, Бела Виста, Канео и Потпеш.  Од ЕВН за „А1он“ потврдија дека постапувале на охридското крајбрежје.

„За исклучувањето се известени сите корисници на кои им е истечен договорот за краткотраен закуп“, велат од ЕВН за „А1он“.

За да на објектите се приклучи струја, мора да се поседува доказ за сопственост на објектот или парцелата, а плажите кои останаа без напојување се на државата, а не на фирмите кои без концесии ги управуваат. Дополнително, се бара и извод со вцртан објект од Детален урбанистички план.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, најави уривање на се што е узурпирано и  не е во согласност со законите.

„Треба на сите да ни стане јасно дека ваква урбанизација и користење на крајбрежјето во строго заштитените зони, едноставно, повеќе, нема да има“, рече Георгиевски.

Нзависната угостителска комора смета дека во ек на сезона не е време за уривање на плажи ниту атрактивни објекти кои привекуваат туристи. 

„Не ни се допаѓа тоа што секогаш пред сезона се случуваат сите овие работи и после сезоната наредните 9 месеци, до следното лето, се забораваат. Меѓутоа пред било што да се руши сметам дека прво треба да се изготви стратегија за тоа што всушност ќе се прави и што ќе треба да се постигне со тој простор. Најлесно е да се сруши, тешко е повторно да се изгради и да се врати во функционалност тоа што веќе било направено“, смета претседателот на НУК Здравко Јосифовски.

„Вакви акции не треба сега да се реализираат, погрешен е тајмингот. На нашето барање единствено ни одговори Советот, дека немаат ингеренции да решаваат по тоа, ние бевме малку затекнати. Можеше баерм да се организира средба на која ќе се продискутира околу овие актуелни прашања. Најголем фокус на нашето барање беше дека вакви акции не требаше баш сега да се одржуваат, без разлика, ние не сакавме да задираме во законитоста на работењето на објектите и нивната градба туку сметаме дека е погрешен тајмингот кога се случуваат таквите дејствија“, вели Мишев.

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани