Изложбата „100 години Требениште“ уште денес во Археолошкиот музеј

Само уште денес (31 август) јавноста има можност во Археолошкиот музеј во Скопје да ја види ексклузивната меѓународна изложба „100 години Требениште“, на која се изложени околу 400 вредни артефакти.

 

-„Изложбата „100 години Требениште“ беше долго подготвувана и организирана во соработка со Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и Музеј во Софија, каде што ќе гостува во наредните две години како заеднички проект на трите држави.
Посетителите на изложбата можат да ги видат најпознатите фасцинантни требенишки погребни златни маски, но и златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, сребрени ритони, кантароси, различни видови садови, килибарен и друг вид накит, керамички предмети, познатите шлемови, но и впечатливи керамички предмети поврзани со сѐ уште мистичната приказна за непознатата аристократија што од 6 до 4 век пред нашата ера живеела крај брегот на Охридско Езеро. Изложбата е проследена со репрезентативна монографија, чии автори се 26 еминентни стручни лица од трите земји“, информираат од НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија.

Вниманието и интересот на околу 10.000 посетители на оваа изложба од отворањето досега, најмногу го привлекоа четирите златни маски т.е. одразите на ликови од непознати владетели втиснати во златна фолија, но восхитеноста не изостануваше и од изложениот накит од злато, сребро и килибар, ексклузивните садови изработени од сребро и стакло, керамика итн.

Social profiles