Од 15 до 20 април 2024 година, во Струга се одржува интернационалната обука за 20 средношколци од стручни училишта од Македонија, Турција и Естонија.
Целта на обуката е учесниците да ја истражат и развијат својата идеја и да ја претворат во можност за презентација пред инвеститори. Дополнителна цел е младите да симулираат остварување на бизнис идеја преку микро бизнис игра каде што ќе ги искусат сите елементи што треба да ги испланираат при нејзина реализација: создавање на производ, формирање на цени, спрваување со конкуренција, стратегии за набавки и односи со купувачите, прогнозирање и планирање на продажба, процес на организација и производство, трошоци, финансиски текови и согледување на биланси.
Учесниците имаат претходни предзнаења во добивање на бизнис вештини, преку работилници според ЦЕФЕ методологијата во нивните земји и училиште, водени од нивните ментори – професори. Бизнис идеите на учесниците се поврзани со струките што ги учат во нивните училишта како (електроника, угостителство, ветерина, мехатроника, информатички технологии, преработка на храна и др.).
Во првите два дена учесниците имаа тим билдинг активности каде што се запознаа и соработуваат меѓу себе во развојот и оценувањето на нивните бизнис идеи. Потоа тие беа воведени во симулацијата за микро бизнис од страна на фасилитаторките Валентина Тодороска и Весна Ефремова. Следен дел ќе бидат работилници за оформување на комполетна бизнис идеја и подготовка за презентација пред потенцијални инвеститори. Работилниците ќе ги водат менторите од Турција (Мустафа Баха Бајрам и Мехмент Илкај Елмачи) и Естонија (Тиит Тул). Последниот дел од обуката е пичинг пред жири комисија, а ќе се одржува во просториите на Универзитетот за Информатички Науки и Технологии „Св Апостол Павле“ во Охрид.
Благодарност до координаторката на обуката Велентина Тодороска од ЦЕФЕ Македонија, проректорката Устијана Речкоска Шикоска и професорите од универзитетот, професорките Ирена Ралева Најдевска од ЕМУЦ Св. Наум Охридски и Весна Ефремова од СОУ Љупчо Сантов – Кочани, за соработката и претставувањето на Македонскиот тим како одлични домаќини.
Оваа обука е во рамки на Еразмус + проектот „Зајакнување на претприемачките способности на практикантите во стручните училишта“, кој е поддржан од Турската агенција за европски мобилности. Главната цел на проектот е да придонесе со новитети во стручното образование во Турција, Македонија и Естонија преку јакнење на меките вештини и претприемачкте компетенции на практикантите преку обуки, работилници, размена на добри практики меѓу државите како и изработка на нови едукативни материјали.
Главен координатор на проектот е МЕСВАК од Анкара, Турција. Фондација која преку 20 години ги поддржува претприемачите од стручните училишта за економски развој на Турција. Покрај ЦЕФЕ Македонија други партнери на проектот се Развојниот центар на Вору регионот од Естонија кои од 1999 година функционира како соработник на централната и локалната власт на Естонија за систематски развој, вклучително и поддршка на млади претприемачи во Естонија. Последниот партнер на проектот е Директоратот на Национална Едукација од Анкара (АДНЕ), кој е втора најголема институција за образование после министерството за образование на Турција која ги извршува сите активности во основното и средното образование (вклучително и стручното образование).