УНЕСКО бара една работа, а надлежните државни власти засега преземаат минорни мерки околу проектот за изградба на автопатот Требеништа – Струга.
Во точката 7 од Конечната одлука на Комитетот за светско наследство на 43. Седница на УНЕСКО што се одржа во Баку се вели дека државата не направила соодветна проценка на севкупното влијание на овој автопат врз исклучителната универзална вредност (УИВ) на Охридското езеро како светско наследство.
„Поради тоа, Центарот го повторува своето барање кон државата членка за итно пронаоѓање оптимални решенија за овие проекти со што би се избегнало влијанието врз УИВ на доброто“, се нагласува во одлуката донесена на Седницата на УНЕСКО во Баку. Од УНЕСКО сметаат дека изработените документи за оценка на влијанието на автопатот врз животната средина и на влијанието врз исклучителното наследство не се осврнале доволно на потенцијалните негативни ефекти врз Охридското езеро.
Наспроти ваквиот став, од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета“ велат дека работат во согласност со препораките дадени од Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од март 2017 година. Тие тврдат дека УНЕСКО побарал да се обезбедат доволен број на премини за животни и луѓе долж автопатот со должина од 8 километри, вклучувајќи изведба на цевчасти пропусти на секој километар. ЈП за државни патишта побарало од ангажираниот проектант да ги разгледа препораките на УНЕСКО, при што со неговото стручно мислење препораките се целосно имплементирани во проектот.
– ЈП за државни работи на докомплетирање на целокупната техничка документација согласно важечката законска регулатива и согласно политиките и барањата на меѓународни финансиски институции, вклучувајќи го ѝ УНЕСКО за да се овозможи истиот да биде дел од Програмата за изградба во наредниот период – нагласуваат од ЈП за државни патишта.
За судбината на автопатот Требеништа – Струга, владата минатиот месец одлучи да формира работна комисија составена од функционери од сите засегнати институции, која што ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за рутата на овој автопат од Коридорот 8. Предложените решенија за автопатот треба да бидат доставени до владата најдоцна до 15 јануари 2020 година, со што ќе се оформи финалната одлука на државата по ова прашање.