„Здружено против нелегални активности во тешко пристапните терени на заштитените подрачја“ кој НатураМК го започнува во соработка со ЈУНП Галичица, ЈУНП Маврово и СП Вевчански извори.
Живоиновиот смил од Националниот парк Галичица, салепот од Националниот парк Маврово и жолтата линцура од Споменикот на природата Вевчански извори се помалку познати примероци од ендемскиот див свет, кои можат да се најдат во планинските предели високи над 1650 мнв, во склоп на заштитените подрачја во Северна Македонија.
Заедничко за овие видови е тоа што имаат статус на загрозени видови. Дел од нив се наоѓаат на Националната црвена листа, па дури и на Црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата како видови кои треба да се заштитат.
Нивниот опстанок е под ризик поради нелегални активности на човекот како што е неконтролираното собирање или, пак, уништување на нивните живеалишта. Токму ваквите активности ќе бидат во фокус на проектот „Здружено против нелегални активности во тешко пристапните терени на заштитените подрачја“ кој НатураМК го започнува во соработка со ЈУНП Галичица, ЈУНП Маврово и СП Вевчански извори.
„Примарната цел на визијата утврдена во Планот за управување е да се обезбеди заштита и зачувување на природното наследство и животната средина, притоа овозможувајќи услови за развој на одржлив екотуризам во функција на локален економски развој и едукација со одржливо користење на природните ресурси. Целта на општина Вевчани со усвојувањето на оваа долгорочна визија е преку вклучување и активно учество на засегнатите страни, локалните чинители и невладини организации кои работат на ова поле, сè повеќе природните вредности да ги ставаат во функција на заштита, унапредување на животната средина и природата во локалитетот и пошироко“, изјави градоначалникот Јанкоски.
