Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на денешниот 23-ти партиски конгрес се очекува да го потврди Стево Пендаровски за кандидат за претседател на државата на претстојните избори.
На отворањето на Конгресот предвидено е обраќање на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, додека работниот дел ќе биде затворен за јавноста. На крајот на конгресот, кој повторно ќе биде отворен, ќе се обрати избраниот кандидат за претседател на државата.
Стево Пендаровски доби поддршка да биде заеднички претседателски кандидат на 31-на политичка партија од коалицијата предводена од СДСМ, владината коалиција исите поддржувачи на концептот за заеднички кандидат за претседател на државата.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.
Покрај Пендаровски, кандидати се и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и амасадорот и универзитетски професор Блерим Река кој доби поддршка од Алијансата на Албанците и БЕСА.
Потписи за кандидатура собираат уште неколку претенденти за функцијата претседател на државата.
Инаку на денешниот конгрес се очекува да биде соопштен и кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ.
