Културен форум „Предание и континуитет“ во Струга

Форумот „Предание и Континуитет“ е културен настан предизвикан од интелектуалниот порив и ентузијазмот на современиот човек да ја осознава смислата на најновите постигнувања во областа на науките и уметностите и нивните перспективи.

 

Форумот ќе трае три дена: од 3ти-5ти август годинава. За сето тоа време во работата на форумот ќе земат учество престижни музички и ликовни уметници. Тие ќе имаат свои концертни и изложбени настапи.Така на пример,во првиот ден од форумот (3 август 2018) ќе има свој целовечерен концерт светски познатиот виртуоз на хармоника, маестро Јуриј Шишкин од Руската Федерација. Тој со својата хармоника премиерно ќе интерпретира повеќе дела на класични европски композитори. Во втората вечер(4 август 2018) настапуваат на хармоника Ања Криштаљева (Руска Федерација)и Александар Коловски(Р.Македонија) со краток воведен концерт. Третата вечер (5 август 2018) ќе ја започне со краток концерт познатиот тромбонист Никола Ристевски. По завршувањето на концертниот дел ќе започне дебата на темата за таа вечер .

Во вториот циклус од културниот форум „Предание и континуитет“- 2018, главна тема за расправа ќе биде „Трансхуманизмот“. Трансхуманизмот претставува феномен кој ја надградува и според повеќето модерни мислители ја надминува постмодерната. Во првата дебата на тема „Надчовекот и трансчовекот: сличности и разлики“ ќе земат учество следниве претставници на философските науки: проф. д-р Иван Џепароски , проф. д-р Сенка Атанасовска и проф. д-р Ристо Солунчев. На вториот ден од форумот ќе се дебатира на темата : „Технократските утопии на научната фантастика: за и против“. За книжевните и филмските аспекти на оваа тема ќе зборуваат: проф. д-р Иван Додовски, д-р Атанас Чуповски, м-р Пантелеј Кондратјук и Крум Велков. На третиот ден од оджувањето на културниот форум ќе стане збор за тема од научно-техничката област: „Невробиолошката киборгизација на човекот и креативната емоционалност на вештачката интелигенција – мит или стварност?“. Протагонисти на оваа дебата ќе бидат: проф. д-р Стево Божиновски, проф. д-р Андреа Кулаков и м-р Валентин Велчев (Р.Бугарија).

Во сите три дена од културниот форум ќе трае изложбата на скулптури,авторско дело на академскиот вајар Владимир Симоновски и изложбата на уметнички фотографии на Таиса Санџакоска.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани