Во Македонија денеска слави 26-години од прогласувањето на независноста.
Република Македонија одбележува 26 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
По повод празикот , делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на гробовите на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, а делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“. Во организација на Министерството за одбрана во Крушево ќе биде организирано искачување на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.
Синоќа пред зградата на Владата беше одржана централната прослава на празникот, на која настапија повеќе уметници и забавувачи. На присутните им се обрати премиерот Заев, кој меѓу другото порача: „Да продолжиме заедно да ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, низ меѓусебна почит и разбирање затоа што само заедничката среќа е среќа“.