Претставници на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ учествуваа на презентацијата на проект за „општествено одговорно управување“ со Студенчишко Блато, организирана од архитектонското студио „Тетрактис“. За една година ова е втор предлог на „Тетрактис“ кој ретерира од првичната идеја и локација и сега претставува план далеку поголем и помегаломански од само една „мала марина за едрилици“.
Разгледувајќи ја веб-страницата на „Тетрактис“ ДООЕЛ не можевме да најдеме проекти кои го покажуваат искуството на фирмата во вакви деликатни екосистеми. Напротив, има неколку проекти кои се токму од тие кои се штетни за животната средина. Впрочем, и самото лого на фирмата го покажува токму тоа – повеќе урбанизација, помалку природа.
Парадоксално, студиото, кое себеси се опишува како „прогресивна и современа заедница на архитекти“, упорно презентира предлог за уназадување на екосистемот на Студенчишко Блато. Нема ништо прогресивно во штетна урбанизација на милиони години стар екосистем, чиешто уништување значи уништување и на Езерото. Во суштина идејата на „Тетрактис“ е инвазивен упад во драгоцен и последен од својот вид функционален екосистем. Наводниот „одржлив“ економски модел опфаќа 1.000 паркинг места за возила (тоа се 4.000 посетители!) и стотици паркинг места за пловни објекти на секаков тип на гориво. Тоа значи драстично зголемено количество на отпад, драстично зголемено количество на токсични материи, потенцијални хаварии, што предизвикуваат загадување на водата, зголемена бучава, трансформација и фрагментација на живеалиштата, но и вештачки бранови што ќе го нарушат животот во езерскиот литорал, а водат до ерозија на брегот, зголемување на седиментите како и намалена бистрина на водата со што директно се влијае врз опстанокот на рибите. Неколку од овие појави ја потпомагаат еутрофикацијата, односно деградацијата, на езерските води. Сиот овој непотребен и дополнителен антропоген притисок ќе се предизвика во и онака деградираната средина на Блатото. Дилетантизмот и комплетната неупатеност на „Тетрактис“ отиде дотаму што го споредија Охридско со езерото Ферто на границата меѓу Австрија и Унгарија кое е впишано на листата на УНЕСКО како културно наследство, не природно! Да се споредува древен екосистем што го носи епитетот Балкански Галапагос со културен пејзаж е несреќен обид за исклучително провидна манипулација со јавноста.
Оттука, би биле преблаги ако кажеме дека идејата на „Тетрактис“ – да се прокопа Блатото за марина – е многу далеку од доменот на општествено одговорното управување, но затоа, многу длабоко во доменот на приватните лични интереси на само неколкумина сопственици на пловни објекти во Охрид.
И покрај спротивноста на идејата на „Тетрактис“ со декларативните заложби на актуелната владејачка гарнитура, на наше „огромно изненадување“, Power Point презентацијата ја поддржало Министерството за култура на РМ со цели 80.000 денари во рамки на годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес (?!) во културата за 2019 година. Сепак, и покрај тоа што „проектот“ е финансиран со народни пари, изработувачот „Тетрактис“ одби да го достави до Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ. Она што се плаќа со јавни пари не може да не биде јавно достапно!, стои во соопштението на Охрид ЅОЅ.
