Матилоска: Дали знаете како е да закопате син?

Мајката на свирепо убиеното момче од Охрид  Димитар Матилоски, учителката Драгица, денес ја промовираше својата втора книга повторно насловена   „Мојот живот после изгубен живот”.

 Во својот дневник  таа пак  ја соголува душата , отворено  раскажувајќи  за тагата,  осаменоста, солзите, стравот и болката по единствениот син  Димитар.

Драгица   по смртта на синот,  на  Новогодишна ноќ пред повеќе од две години, живее  во пеколот, но се обидува да ги исполни желбите на  Димитар, чив живот  згасна, на само  26 години.

Останаа спомени,  неостварени сништа и неизмерна тага и болка. Куќата денес е темна и тмурна. Празна е  собата на Димитар, исто како и душата на Драгица.

-„Во книгата прашувам дали знаете што значи да закопате син? Да се збогувате засекогаш од него. Да одите на гробишта во мрачното сивило за да му запалите свеќа и да му кажете лесна ти земја.Димитар беше дете кое не заслужуваше ваква неправда! Пред него беше живот  а не смрт. Сега сме месец март, јас точно две години не сум го видела моето дете. Да го видам Димитар па макар и на сон за мене е радост. Го немам допрено не му имам кажано колку те сакам!“, изјави Драгица Матилоска на промоцијата на книгата.

Сиротата мајка  во книгата ги објавува  бројните пораки и писма  кои и ги пишуваат сограѓаните. Вели тие се дополнително  мотив да се преживее овој суров живот.  Драгица вели никогаш нема да се откаже од барањето на правда. Убиецот да одговара за злоделото кое го стори.

-„Живеам за правдата да ја оцрни неправдата.Покрај болката и тагата што ја носам одиме и на судења. Тие се многу тешки бидејки морам да слушам на кој начин моето дете е убиено. Ниедна мајка не заслужува ваква трагедија верувајте. Јас многу се лутам на Апелациониот суд во Битола. Оставам се на нивна совест! Убиецот е на слобода, а моето дете во гроб“, вели Драгица.

Низ ходниците во празната куќа во Охрид денес  се слушаат само одеците од чекорите на сиротата мајка завиена со неизмерна болка.

-„Живеам за да живее домот во кој живее духот на мојот син. Јас не признавам! Велам неговото тело е на гробишта но неговиот дух е дома со мене и тој ме чува и брани! Јас така си имам замислено поинаку едноставно неможе!“, вели Драгица скршена од болка.

-„Посакувам ниедна мајка да не ја доживее оваа болка што мене ми се случи. На таков трагичен начин да загубиш чедо син. Во оваа моја голема болка ме водат моите пријателки кои и ден денес ме поддржуваат. Им благодарам и на охриѓани за поддршката кои се соживеаа со мојата болка“,додава Матилоска.

Книгата ќе се продава за хуманитарни цели со тоа верувам дека нема да се заборави мојот Димитар, ќе се овековечи неговиот лик.

-„ Живеам животот на моетот дете преточено на хартија да биде хумано дело за посреќно утро за невина младост мој ученик кој боледува од мускулна дистрофија“, вели Драгица.

Во дневникот  на Матилоска одекнува мајчиниот лелек по изгубениот син, течат солзите за мирното момче, се слушаат врисоците  на сиротата мајка која преостанатиот живот ќе  го мине во црнина,  а целта е да не се заборави и никогаш да не се повтори крвавата новогодишна ноќ во Охрид.  Драгица ќе продолжи да пишува за хуманитарни цели.

Соња Рилковска 

 

 

 

 

Social profiles