Младите се двигател на општествените промени, а нивната улога во градењето демократско општество е од исклучителна важност. Токму во тој дух, во текот на јуни во романскиот град Крајова се одржа Еразмус+ младинската размена „Democracy in Motion“, проект посветен на зајакнување на демократските вредности и младинскиот активизам.
Македонија на оваа размена ја претставуваа шест млади ентузијасти – Мила, Илија, Ангела, Дарија, Симона и Даки, кои со голем интерес и мотивација учествуваа во активностите насочени кон стекнување нови знаења и вештини. Нивната цел беше да научат како да станат поактивни и проактивни граѓани во своите заедници и преку сопствениот ангажман да придонесат за демократски промени значајни за младите.

Во рамки на размената, учесниците имаа можност подетално да се запознаат со функционирањето на институциите на Европската Унија, но и со практични методи за активно граѓанско учество. Преку бројни дебати, симулации и активности со играње улоги, младите добија уникатна можност не само теоретски, туку и практично да ја искусат демократијата.

Особено значајни беа посетите на Градскиот совет на Крајова и Националниот парламент на Романија, каде учесниците одблиску се запознаа со работата на институциите и имаа можност директно да поставуваат прашања до носителите на одлуки за теми што ги засегаат младите.

Мултикултурната димензија исто така беше важен дел од ова искуство. Преку интеркултурните вечери, учесниците имаа можност да ја претстават сопствената култура и традиција, но и да се запознаат со богатството на различностите што ги носат другите земји учеснички.

По седум дена исполнети со учење, тимска работа, нови пријателства и незаборавни искуства, оваа успешна приказна заврши со надеж, инспирација и силна желба за идни заеднички иницијативи. Младите заминаа од Крајова со јасна порака – демократијата живее тогаш кога младите активно учествуваат во нејзиното создавање и унапредување.
