Мораториумот за градба во старото градско јадро во Охрид, ќе ги намали инвестициите. Нема градби на нови објекти, доградби и надградби се до донесување на новите детални урбанистички планови усогласени со заштитата. Ова го предвидува новиот Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за старото градско јадро на Охрид како културно наследство од особено значење.
Од агенциите за недвижности, се согласуваат дека е потребна поголема заштита, но бараат час поскоро да се донесат новите детални урбанистички планови за да се овозможи раст и развој на градот.
-„Акцентот е за да се постигне поголема заштита на старотот градско јадро меѓутоа според тој закон не ќе може воопшто да се гради, ниту да се доградув, доградба, надградба и реконструкција на постоечките објекти се додека не се донесат новите детални урбанистички панови. Значи, ако ние сакаме да продолжат инвестициите и во тој дел од градот кој е најатрактивен, ќе мора час поскоро да се донесат деталните урбанистички планови. Со нивното носење тогаш ќе се постигне целта од една страна ќе имаме поголема заштита, а од друга страна ќе има раст и развој на градот да се задржи автентчноста и да се зачува микроклимата во градот“, вели Наташа Спасеска агент за недвижности.
Од министерството за култура велат новиот закон ќе придонесе за поголема заштита, ќе се спречат дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување, неповратно видоизменување, уништување или деградирање на споменичната целина.
-„Со тоа ќе се поттикнат надлежните органи да извршат ажурирање на геодетските подлоги за 19 урбани комплекси и да донесат нови детални урбанистички планови во кои ќе бидат вградени заштитно-кознерваторски основи со детално разработен режим на заштита согласно овој закон и согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, со Акциски план“, велат од Министерството за култура.
Нелегалната градба на самиот брег на езерото и во заштитениот појас кои го нарушуваат автентичниот изглед на Охрид се едни од најголемите забелешки на Унеско.
Експертите сметаат дека дивоградбите може да се искоренат само со одржлива урбанизација.
Новинар Соња Рилковска