На само десетина километри од Струга веднаш до албанската граница се наоѓа езерската убавица – Радожда.
Сместено во падините на Јабланица, белите каскадно наредени куќички се огледуваат во Охридското езеро.
Позната по чудесните изгрејсонца, велат тука магично се чувствува раѓањето на денот токму затоа го носи името Радожда. Во минатото земјоделско- рибарско, а денес туристичко село.
За првомајските празници илјадници гости требаше да уживаат во неповторливата убавина, но овој викенд празно и пусто. Поради пандемијата со корона вирусот рестораните се затворени и бројат штети.
.jpg)
– „Во секој поглед дека сме погодени премногу, туристичката сезона нас ни почнува од април еве конкретно од Велигден и трае до октомври тоа е сезонска работа дека сме засеганти засегнати сме премногу и ги чувствуваме последиците“, вели угостител од Радожда.
Селото со варошки лик сличен на медитеранските гратчиња е старо десетина векови. Радожда е место кое плени со езерска хармонија, остава без здив го враќа спојот и мирот. Но на мештаните им недостигаат гостите, кои доаѓаат од блиските градови, но и од далечните земји.
–„Нема движење многу, а инаку претпразнично пред Први мај беше тука преубаво , премногу туристи идат“, вели еден жител на Радожда.
Денес риболовот е забранет. Старите рибари со тага се присетуваат на убавите денови, кога со кајчиња и рибарски мрежи се ловело риба.

-,Се е забрана тотална тоа е,. Неможиш да одиш и нема живот. Ви недостига ли тоа? Уф , многу недостига“, вели стар рибар.
Радожда се смета за еден од најубавите предели на западниот брег на Охридското езеро. Во тишината на крајбрежието може да се слушнат разлутените бранови од длабочините на езерото и звукот на ветрот.
Чистата езерска вода , помешана со мирисот на расцветаните овошки го красат ова магично парче земја, за радождани тука е рајот на земјата. Тие со нетрпение очекуваат да заврши пандемијата и повторно да се врати вревата на туристите, песната и мирисот на вкусната домашна храна.
Новинар Соња Рилковска
МТВ
