Меѓу малкумината граѓани со највисоката годишна бруто плата, има и по некој охриѓанец и стружанец.
За 2017 година скопјанец во својата годишна даночна пријава евидентирал 212 милиони денари што е и највисок годишен бруто – приход во Република Македонија, објави денеска Управата за јавни приходи, пренесува faktor.mk.Втор на листата со остварен годишен бруто приход од 207.587.649 денари, исто така, е граѓанин од Скопје. На листата со највисоки приходи пријавени во Годишната даночна пријава за 2017 година има и граѓани од Струга со остварени 135.137.869 денари. Од останатите во Топ-10 сите се скопјани, освен еден битолчанец и сумата се движи од 128 до 93 милиони денари. Највисоката годишна бруто плата во 2017 година изнесува 167.687.011 денари, исплатена во секторот здравство во Скопје, а потоа следуваат платите од 123,3 и 96 милиони денари на уште двајца скопјани во трговијата и фармацијата. Останатите плати во Топ-10 се од 56,6 до 48,7 милиони денари, а тука покрај скопјани, има двајца охриѓани и по еден од Струга и Дебар.
