Недостигот на медицински кадар сериозен предизвик за здравството во регионот

Недостигот на медицински кадар останува сериозен предизвик за здравствените установи во Охридско-струшкиот регион. Недостигаат лекари, медицински сестри, инструментарки и друг стручен кадар, а проблемот дополнително се усложнува со заминувањето на здравствените работници во пензија.

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека недостигот на кадар не е проблем само на една здравствена установа или регион, туку станува глобален предизвик и затоа потребите треба да се разгледуваат системски.

„Ние мораме да бидеме свесни дека недостигот на лекари и медицински сестри не е македонски, не е европски, глобален е. Проблемот не исчезнува, само ќе се зголемува. Тој нема да се намалува“, вели Клековски.

Според него, потребно е поголемо поврзување и координација меѓу здравствените установи – од центрите за јавно здравје и здравствените домови, до општите и специјалните болници.

„Мораме да почнеме да ги гледаме сите заедно, бидејќи оптималност на едно место можеби има слободен капацитет на друго место и ќе мора и здравствените работници да бидат пофлексибилни во однос на достапноста“, посочува министерот.

Најизразен е недостигот од средномедицински кадар, односно медицински сестри, инструментарки и сродни профили.

„Генерално мислам дека недостатокот е на средномедицински, веќе не е малку на високомедицински, туку на медицински сестри, инструментарки и сличен кадар, и на тоа активно работиме“, вели Клековски.

Дополнителен проблем е долгата процедура за замена на здравствените работници кои заминуваат во пензија. Клековски вели дека средствата за нивните работни места се веќе обезбедени, но административните процедури го забавуваат процесот.

„Јас се залагам во Владата и во Министерството за финансии да се олесни процедурата на замена на пензионираните здравствени работници. Да нема толкава администрација за нешто што е веќе буџетирано“, вели Клековски.

Паралелно со олеснувањето на процедурите за замена на пензионираниот кадар, се бараат и долгорочни решенија за обезбедување нов медицински кадар.

Заврши пријавувањето на интерес за вработување на 300 приватни специјализанти во јавните здравствени установи. Следно е усогласување на нивниот интерес со реалните потреби на здравствените установи, при што приоритет ќе имаат болниците и установите надвор од Скопје.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани