Охрид е најуспешна општина во државата во системот за заштита и спасување

Охрид е позитивен пример во однос на организацијата, функционирањето и финансирањето на системот за заштита и спасување во земјава, покажува конечниот извештај на Државниот завод за ревизија.

Во извештајот на тема „Градење на систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување на средствата со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“, ревизорите констатираат дека во Општина Охрид е воспоставена соодветна институционална рамка.

Донесени се стратешки и оперативни документи, меѓу кои Планот за заштита и спасување, како и годишни програми за заштита и спасување. Општината е вклучена во оперативните дејствија за заштита и спасување, особено при интервенции во случај на пожари.

Како особено позитивен пример е издвоено и финансирањето на противпожарната заштита. Најголемиот дел од средствата, односно 85 отсто, се обезбедуваат од Буџетот на Општина Охрид, додека 15 отсто се средства од дотации.

Државните ревизори позитивно ја оценуваат и работата на Планинската спасителна служба во Охрид, која е дел од Националниот сојуз за планинско спасување и во пракса функционира како специјализирана оперативна единица за интервенции на планински и тешко пристапен терен.

Наодите од ревизијата го издвојуваат Охрид како пример за добро организиран и функционален систем за заштита и спасување, со значително локално учество во неговото финансирање и функционирање.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани