Познатиот српски актер, режисер и професор по глума, Небојша Дугалиќ, престојуваше во Охрид, каде ја посети галеријата на семејството Филев, чувари на традицијата на прочуениот охридски бисер.
Домаќин на средбата беше Михајло Филев, изработувач на оригинални охридски бисери и почесен конзул на Република Србија со седиште во Охрид. Како претставник на четвртата генерација на семејството Филев, тој пред гостите презентираше дел од автентичните рачни техники што со децении се применуваат во уникатниот процес на изработка на охридскиот бисер.
При посетата, Дугалиќ имаше можност одблиску да се запознае со тајните на еден од најпрепознатливите охридски брендови – Охридскиот бисер Филеви Т.М. 1928, симбол на традицијата, занаетчиството и културното наследство на градот.
Средбата помина во духот на пријателството и заемната почит, при што беше истакнато дека поврзувањето на различните уметности отвора простор за нови идеи, соработка и заедничка промоција на културните вредности.

