Охрид изминатите денови повторно беше центар на младинската кошарка во регионот, откако успешно заврши јубилејното петто издание на Меѓународниот кошаркарски турнир „Ohrid Hoops 2026“.
На турнирот учествуваа екипи од Турција, Грција, Албанија и Црна Гора, кои низ бројните натпревари демонстрираа одлична игра, спортски дух и вистинско другарство.
Во категоријата У11, за деца родени 2015 година и помлади, победник беше екипата Сутоморе од Црна Гора.
Во категоријата У13, за деца родени 2013 година и помлади, првото место го освои екипата Pertenviyel – Анадолу Ефес од Турција.

Најголемо внимание привлече финалниот натпревар во категоријата У15, каде силите ги одмерија грчката екипа БЦ Ајас Евосму и домашниот состав составен од младите кошаркари од Охрид. Победата им припадна на младите охриѓани, кои за првпат на турнирот настапија како заедничка селекција на двата локални клуба – Колибри и ГКК Охрид.
Особено значајна новина е што од оваа година двата клуба ќе настапуваат заеднички во младинските лиги, со цел создавање поквалитетни генерации и подобри услови за развој на младите кошаркари во градот.
Организаторите упатија благодарност до Општина Охрид и градоначалникот за поддршката, како и до сите пријатели и поддржувачи на турнирот – Михајло Филев, Лабино Саунд, Кожувчанка, Леарница и ГКК Охрид.

Турнирот уште еднаш потврди дека Охрид има сериозен потенцијал да биде препознатлив центар за младински спортски настани и важен фактор во развојот на спортскиот туризам.
Претседателката на КК Колибри, Весна Балазоска Милошевиќ, истакна дека турнирот од година во година расте и привлекува сè поквалитетни екипи.
„Горди сме што успешно го реализиравме јубилејното петто издание на ‘Ohrid Hoops’. Од година во година турнирот расте, привлекува поквалитетни екипи и станува препознатлив надвор од границите на Македонија. Посебно радува што покрај спортските резултати, децата создаваат нови пријателства и носат прекрасни спомени од Охрид“, изјави Балазоска Милошевиќ.
