Дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер понуди уште една изложба.
Станува збор за фотографии на тема „Кина во моите очи“ организирана во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија и Општина Охрид. Годинава се навршуваат 70 години од државноста на Кина и по тој повод, Амбасадата на Н. Р. Кина во Република Северна Македонија, ја организираа оваа фотографска поставка на која учествуваат сите граѓани кои ја имаат посетено Кина.
-Во текот на изминативе 70 години, Кина темелно ја спроведе својата развојна филозофија која има за цел интересите на народот да ги постави во Центарот на вниманието и постигна големи достигнувања во политичката, економската, културната и општествената сфера. Кина активно ја промовира и изградбата на меѓународната соработка преку иницијативата „Еден појас, еден пат“ со цел формирање на нов вид меѓународни односи коишто се базирани на соработка со заемна корист и се’ со цел, создавање на заедница на човечката судбина, истакна советникот по политичките прашања во Амбасадата на НР Кина во Република Северна Македонија, додавајќи дека секоја година, повеќе од 10 илјади кинески туристи доаѓаат да ја посетата нашата земја, а над 1000 Македонци одат во туристичка посета на Кина, или пак да студираат таму.
Во името на Општина Охрид, се обрати претседателката на Советот на Општина Охрид Живка Ангелоска која упати честитки за државноста на, како што рече, нашиот пријателски народ.
-Сметам дека нема подобро место од Охрид во овој период од годината каде меѓу мноштвото културни збиднувања може да се направи една ваква изложба каде можеме да уживаме во убавината на фотографиите кои ни пренесуваат само мал дел од големата магија на Кина. Дотолку повеќе што автентичноста на овие фотографии, иако не претендира, но поради својот природен, оригинален, специфичен тон, успева да достигне и уметничка вредност. Притоа да не заборавиме дека не се изработени од професионалци, туку од наши граѓани кои со различни поводи ја посетиле Кина, рече Ангелоска.
Претседателот на Друштвото на македонско-кинеското пријателство Љупчо Маленко рече дека македонско-кинеското пријателство започна пред 25 години, и како што најави ќе трае уште долги години и ќе се продлабочува.
-Друштвото за македонско-кинеска соработка и пријателство е формирано пред 25 години. Со городост го истакнувам моментот дека ревносно се работеше на воспоставување заедничка соработка и на добрите односи, но и на она што значи претставување на нашите културни вредности, рече Маленко.
Изложбата на фотографии „Кина во моите очи“ што ќе биде отворена седум дена, а има цел да ја претстави природата, историјата, развојот и промените во Кина, како и пријателството помеѓу Кина и Република Северна Македонија, преку ретроспективата на македонските граѓани. Многу од авторите на фотографиите од изложбата студирале, работеле или ја посетиле Кина. Фотографиите се тематски распределени во четири категории: „Природата и природните богатства на Кина“, „Историски и културни знаменитости во Н. Р. Кина“, „Кинеските градови и нивните значајни обележја“, „Животот на луѓето во Кина“.