Откривање и пренос на моштите на Св. архиѓакон Стефан

Денеска се прославува празникот Откривање и пренос на моштите на Св. архиѓакон Стефан.

Со низа црковни свечености, празникот по традиција се одбележува во манастирската црква „Св.Стефан“.

За моштите на свети архиѓакон Стефан не се знаеше ништо по неговата смрт со каменување во Ерусалим. Дури во петтиот век на Кафаргамалскиот епископ Лукијан во сон му се јави Гамалил, учителот на апостол Павле, и му го откри местото на кое почиваа неговите мошти, како и начинот на кој тие стасале дотаму. Имено, по убиството на свети Стефан, јудејците оставија неговото тело да го изедат пците, така што се до овој век тие беа сосема заборавени. Епископот Лукијан дојде до пештерата што му беше покажана и таму најде се според кажаното. А кога почнаа да копаат по пештерата се рашири пријатен и добар мирис од светите мошти. Подоцна моштите на свети Стефан беа пренесени во Цариград.

Од житието на св. Стефан Првомаченик

Светиот архиѓакон и првомаченик Стефан е наречен првомаченик затоа што тој е прв што настрадал за Христосовата вера. Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана Христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен Архиѓакон.
Ниту кротоста на Стефан за време на мачењето, ниту последната трогателна молитва за непријателите на ги смириле убијците. Од нив дишеле злоба и гнев. Од сите најповеќе се силело едно момче по име Савле, жесток непријател на Црквата Христова – истиот оној кој подоцна просветен од Духот Божји станал најтврд и ревносен проповедник на вистинската вера и славен апостол Павел. Преданието говори дека Пресвета Дева придружена од ап. Јован Богослов гледала од височината како го убиваат Стефан и се молела за него. Телото на првомаченикот било оставено да го јадат ѕверовите и птиците. Но Гамалиил, еден познат еврејски законоучител, кој го почитувал светиот маченик, го зел чесното тело и го погребал во својот имот. Верниците многу плачеле за Свети Стефан. И покрај прогонствата христијанската црква се повеќе зајакнувала. Силата со која верниците ги поднесувале тие прогонства ги убедувало непристрастните во вистиноста на таа вера. Верниците принудени да бегаат од Ерусалим каде што Савел жестоко ја прогонувал Црквата се растуриле по цела Јудеја и секаде бројот на христијаните многу се размножувал.Во 415 година моштите на првомаченикот Стефан биле откриени по чудно видение, кое што го имал еден свештеник. Тие биле поставени во Сионскиот храм во Ерусалим.


Свети Стефан е македонска пештерна црква која се наоѓа во под охридското село Шипокно, веднаш над населбата Свети Стефан. Црквата претставува главна манастирска црква на истоимениот манастир. Малечката полуоблесто соѕидана црква во шуплината на карпата, постоела и порано, но дури во времето на процутот на уметничката дејност во XV век добила фреско-живопис и тоа благодарение на помошта на широкиот круг ктитори од Охрид и од околните села. На ова укажува натписот испишан во нишата на ѓакониконот од кој се дознава дека дарители биле граѓаните од Велики Варош т.е.од Охрид и луѓето од соседните села: Шипокно, Горица и Коњско. Внатрешноста на пештерната црква е исликана со извонреден фреско-живопис, но тој е во голема мера оштетен. Во долната зона на апсидалниот простор е насликана света Богородица со малиот Христос пред себе. Од црковните архиереи-светители овде се насликани свети Василиј Велики, свети Јован Златоуст и свети Атанасиј Александриски. Извонреден е ликот на патронот кому му е посветена оваа пештерна црква. Архиѓаконот и првиот христијански маченик Стефан, насликан во нишата на протезисот.Големата композиција Дејзис или кај народот позната како “Второто пришествие Христово” е насликана на северниот ѕид, а до неа е насликана најпочитуваната светителка Света Петка. Од она што денес останало, според општиот цртеж на фигурите, карактеристичната обработка на формите со слободни потези и сочниот нанос на боите, ова сликарство го прават најблиско до црквата посветена на Сите Светители во селото Лешани, недалеку од Охрид и поради тоа се чини дека оваа пештерна црква е живописана пред самиот крај на шестата деценија на XV век, кога веќе се насетувала промената во начинот на работата на охридските уметници.

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани