Пијан гостин во кабаре во Охрид, со метален пендрек почнал да го тепа работникот од обезбедувањето кој му кажал дека не може назад во кабарето. Револтиран од тоа, пијаниот го извадил металниот пендрек на расклопување, замавнал кон обезбедувачот кој поради добиените повреди завршил на болница. Напаѓачот заработил кривична пријава.
Според соопштението на Канцеларијата за односи со јавноста при СВР Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.Ц.(36) од охридското село Подмољје.
Пријавениот, казненото дело го сторил на 27 мај оваа година, во 03 часот и 50 минути пред влезната врата на кабарето ,,Даг” лоциран на ,,Кеј Македонија” во Охрид. Тука, тој го нападнал М.В. вработен во агенција за обезбедување овластен за вршење на таа дејност и задолжен за извршување работи од безбедноста во угостителскиот објект. Нападот се случил откако, работникот на обезбедување, го повикал Г.Ц. надвор од кабарето, откако претходно добил известување од одговорното лице во кабарето дека Г.Ц. видно под дејство на алкохол врши провоцирање и вознемирување на гостите, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
-Пред влезната врата од кабарето, работникот на обезбедување му кажал на сега пријавениот дека не може повторно да се врати во објектот. Во тој момент, Г.Ц. започнал да му се заканува, набрзо извадил метален пендрек на расклопување и го удрил на М.В. во пределот на вратот и левата нога. За да одбие понатамошен напад врз себе,оштетениот М.В. со употреба на соодветен захват, успеал да го совлада пријавениот и го задржи се до доаѓање на полициските службеници а потоа бил пренесен во Општата болница во Охрид, изјави портпаролот Димоски.