Во Белчишта започна уредување на споменикот посветен на борците и народот од Дебрца од периодот на НОБ, по цели 25 години, информира градоначалникот на Општина Дебрца Златко Сиљаноски.
Според објавата, пет дена активно се работело со механизација на терен, при што целосно е расчистен патниот правец до спомен-обележјето, а просторот околу него е уреден.
Станува збор за споменик изработен од познатиот македонски скулптор Јордан Грабулоски во 1958 година.
„Не дозволуваме историјата да ни обрасне во трње. Ја градиме инфраструктурата и го чуваме достоинството на нашите предци“, напиша Сиљаноски.
На спомен-плочата стои пораката: „Нашето славно минато е патоказ кон нашата поубава иднина.“



